Здравко Савески и Зоран Василевски кои себеси се претставија како легитимни претставници на Централниот Комитет на Левица, денеска до Основниот суд во Скопје поднесоа жалба на првостепената одлука на судот за тоа кое е легитимното раководство на партијата.

Во изјава пред судот, Василевски во врска со тоа што се случува во партијата го започна хронолошки од седницата на највисокиот орган на партијата одржана на 3 февруари годинава.

Тогаш, вели тој, под точката 2 од дневниот ред било одлучено да не се поддржи ниту еден од кандидатите за претседател на државата. Најмногу заради тоа што, според нив, ова се партиски избори, иако како што додава Василевски се претставуваат како натпартиски кандидати.

Предлози на Левица за претседателските избори

По ова додава тој, започнал пучот во Левица. Василевски рече дека Димитар Апасиев како правен застапник злоупотребувајќи го печатот на партијата исфрлил три четвртини од највисоките раководни органи на партијата.

Одлуката на Основниот суд во Скопје, Апасиев да остане на чело на партијата, Василевски ја нарече незаконита и зачудувачка.

„Правниот застапник според статутот на партијата Левица го менува президиумот и тоа со апсолутно мнозинство на гласови. Тоа што го направи Димитар Апасиев е преку фалсификување на документи од седум член президиум исклучи четири членови. Судтот не го почитуваше записникот на седницата на која меѓу другото партијата одлучи да не се поддржи ниту еден кандидат за претседател, изјави Василевски.

Тој додаде дека тоа што сега се случува е лажно претставување на Димитар Апасиев кој дава поддршка на кандидатката Гордана Силјановска и покрај ставот на Левица како партија дека не смеат да дадат поддршка, посебно отворена, на ниту еден од двајцата кандидати.

На прашање дали се дел или не од партијата, Василевски рече дека Левица не е партискиот печат и штембил.

„Групата околу Димитар Апасиев поради тоа што ги има печатите без знаење на органите не исклучи од партијата, но затоа во судот водиме постапка и ќе поднесеме жалба. Она што го правиме е тоа што треба да го прави левичарска партија, на терен, застануваме на страната на работниците, а на пучистите им е замрзнато местото во партијата, рече Василевски.

Според Здравко Савески, со вакввата одлука судството дополнително го уништува владеењето на правото, а губењето на правната битка за Левица во прилог на Димитар Апасиев ќе биде силна порака дека во Македонија и оние малку траги на демократија изумираат бидејќи, како што додава Савески, тоа ќе значи дека секој кој го владее партискиот печат ќе може без поддршка на членството да воведе автократска власт во својта партија.