Во јавноста се појави фотографија од снимка на писмо со логото од „Дојче Банка“, за кое се тврди дека е во врска со зделката меѓу македонската влада и компанијата „Старби Интернешенал“, за набавка на 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.

Ова е таа фотографија:

Снимката е со слаб квалитет, но сепак, може јасно да се прочита дека станува збор за допис со кој сениор менаџер на банката потврдува дека нејзиниот клиент „Trans Border Gmbh“, во својство на афилирана компанија на „Starbi International Services Co Ltd“, има намера да склучи договор за набавка на вакцини во вредност од 12,5 милиони долари.

Оваа сума е блиска на сумата за која деновиве се шпекулира како вредност на зделката со која Македонија требаше да набави 200.000 кинески вакцини.

По реакциите во јавноста во врска со „фантомската компанија“ од Хонг Конг, преку која владата на Зоран Заев се обидела, но не успеала да ја заврши зделката со „Синофарм“, се појавија и обвинувања дека станува збор за корупциска зделка. Министерот за здравство Венко Филипче енергично ги отфрли тие обвинувања, повикувајќи се на вратениот аванс.

Во врска со спорната фотографија, од „Плусинфо“ на министерот Филипче утрово (сабота, 13 март) му поставиле три прашања: Дали вредноста на зделката е 12,5 милиони долари; Дали станува збор за 200.000 или за 400.000 вакцини; и Која е компанијата „Trans Border Gmbh“. Министерот одговорил дека прв пат слуша за оваа нова компанија, но поради доверливоста на документите за набавката на вакцини, не може да коментира детали.

како што пишува „Плусинфо“, вредноста на зделката и бројот на дозите се клучни детали за да се потврдат или да се отфрлат сомневањата дека во зделката биле испланирани провизии, како што тврди опозицијата.

Имено, вообичаената единечна цена на вакцините од „Синофарм“ е околу 30 долари. Перу, на пример, како поголем купувач, ги набавил вакцините по цена од 26 долари.