Дали освен на претседателски, ќе гласаме и на предвремени парламентарни избори, најверојатно ќе знаеме утре.

Партиски извори од СДСМ потврдуваат дека за утре попладне е закажана седница на Извршниот одбор на партијата. Неофицијално една од точките по кои ќе се расправа е барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори. За тоа какво е расположението на мнозинството во највисокото партиско тело никој прецизно не зборува, само се посочува дека има членови кои се „За“ и дел кои се „против“ предвремени парламентарни. Нашите извори го повторија она што досега го има изјавено и генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски дека сите ставови ќе се земат предвид.

Во меѓувреме во СДСМ во тек е огласот за пријавување на претседедателски кандидати. Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов обелодени дека се пријавил на партискиот оглас.

Крајниот рок за пријавување е 19-ти февруари, а претседателскиот кандидат ќе се избере на Конгресот закажан за 3-ти март.

Според извори од Бихаќка, се прават напори за постигнување договор со ДУИ. Ахмети повторно ја врати во игра опцијата за консензуален кандидат за претседател, бидејќи како што рече тоа е добро за државата.

Пред состанокот на Извршниот одбор на СДСМ, не е исклучена средба меѓу Ахмети и Заев.