Уште нестигнат во Собранието на РМ, предлог-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на сите лица вклучени во настаните од 27 април минатата година, според првичните реакции на власта, веќе јасно се гледа дека ќе наиде на политички ѕид. Со тоа, пратениците одново ќе се најдат поделени.
Но, овојпат изборот се сведува на избор меѓу амнестијата од една страна и најавеното помирување од друга.
Ако намерите на СДСМ се искрени, сега е моментот да го изгласаат законот и да го тргнат товарот од сите луѓе што беа во случувањата на 27 април, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Владејачкиот СДСМ, пак, ваквиот предлог веднаш го оцени како брутален упад во правосудството.
Како одговорна и државотворна партија се водиме да го почитуваме принципот на правна држава и во таа насока може да зборуваме за подавање рака и за помирување, но никако не може да зборуваме за амнестија,изјави пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.
Значи, власта и опозицијата се наоѓаат, што би се рекло, меѓу чеканот и наковалната. Ако амнестијата е брутален упад во правосудството, тогаш подавањето рака за помирување може слободно да се сведе на отворено стравување од селективна правда, што, пак, е многу пострашна и од неправдата. Дотолку повеќе, што помирувањето претставува долготраен процес и засега нема некоја препознатлива визија кој и за што точно треба тоа да го стори.
Но, ова не е случајно. Зашто, во крајна линија се се сведува на купување време во пресрет на дебатата за уставните амандмани за промена на Уставот, согласно договорот со Грција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно стави до знаење дека нема да учествува во работата на, како што го нарекоа, фингирано собраниско тело, како тоа за помирување, ниту, пак, во дебатата за уставните амандмани.
Јадицата или, ако сакате дудинката, околу помирувањето ја фрли лично премиерот Зоран Заев, а неа некако „многу лесно„ ја проголтаа „кленовите„ видени како осуммината опозициски пратеници, кои гласаа „за„ уставните промени. Тие сега ќе настапуваат како посебна пратеничка група и, што е посебно важно, власта ги намести самите да треба да објаснуваат зошто и како го замислуваат помирувањето!
Притоа, најмалку важно е како ќе се именуваат. Зашто, самите, како што посочија, ќе го задржат предзнакот ВМРО. Некои портали, на пример Трибуна.мк, на шега или подбив ги именуваа како ВМРО (мијалковистичка).
Она што е важно е што тие, со барањето за помирување, признаваат дека не само настаните од 27 април, туку и севкупното владеење на ВМРО-ДПМНЕ претставувало авторитарен, диктаторски систем, во кој имало систематски злоупотреби, жртви и масовно кршење на човековите права и слободи!? Па, сега, одеднаш, откако минале години и години на високи државни функции, се „просветлиле„ и бараат прошка и помирување. Што, нели, е доблесно и човечки.
Само што, во суштина, не е баш така. Зашто, во целата заднина стои промената на името на државата и на Уставот. А, во тој случај како основно се поставува сосема друго прашање. Ако не се согласувале со политиката на партијата на која колку до вчера и припаѓаа околу НАТО и ЕУ, зошто не си поднеле оставки од функциите на времето?! Или, тогаш се им било потаман, толку потаман, што човек едноставно да се запраша зошто, воопшто, ВМРО-ДПМНЕ и ја изгуби власта?!
Но, сега некој друг, кој не се согласува со договорот со Грција, со промената на името на државата и на Уставот, гледано во контекст на партијата на која и припаѓаа и новото раководство,треба да го преземат тешкото бреме за се она за што ќе се бара помирување!? Политика отсекогаш била карта, а картата е курва.
Comments are closed for this post.