Лично верувам дека е можна само една одлука – почнување на преговорите со Македонија и со Албанија за членство во ЕУ според препораката на Европската комисија, истакна претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во Брисел.

Како претседател на Европскиот совет не сакам да прејудицирам. Направивте се што се очекуваше од вас, но да бидам искрен – не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите за членство во наредните денови. Прашањето е не „дали”, туку „кога” ќе почнат. Внимателен сум за ова прашање бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земја и на регионот е во ЕУ“, нагласи Туск.

Претходно Туск се сретна и со премиерот на Албанија, Еди Рама, уште една земја-кандидат која чека датум за преговори, но и земја каде власта се тресе под притисокот на опозицијата. Слично како и во Македонија, па недобивањето датум за преговори практично може да значи промена на политичките сили во двете земји.

Туск изборот на Пендаровски за претседател го оцени како „ референдум за меѓуетничкото помирување“ и добри односи со соседите.

Вие тој тест го поминавте успешно. Договорите со Бугарија и со Грција се историски, и пример што треба да го следат и другите во регионот и пошироко“, рече претседателот на ЕС.

Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата кажа дека по исполнетите задачи, „Северна Македонија не бара незасужена награда, туку заслужена шанса да изградиме европска држава со праведно, хумано и напредно општество“.

Тој посочи дека членството во ЕУ и НАТО е стратегиска определба на државата и на огромното мнозинство граѓани.

Овој јуни ЕУ има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на целиот наш регион – со тоа што ќе и додели датум за преговори на  Северна Македонија“, порача Пендаровски на заедничката прес-конференција со Туск.