Неизбежната тема последниве години за македонското „Крваво Коледе“ од 1945 година, годинава доби друга димензија, пред се, меѓу бугарските историчари и медиуми. За прв пат се забележува извесна доза на „спуштање на топката“, но и пазарење со бројките на убиените и насилно раселените „Бугари“ за време и по завршувањето на Втората светска војна. Па така, сега некои продолжуваат да ги користат над 20.000-те убиени и 120.000-те насилно раселени, а други „доказите“ ги сведуваат „само“ на илјади, што треба да ја потврдат насилната дебугаризација на Македонија.

Индикативно е што ова следува по усвојувањето на т.н. француски, а во суштина бугарски предлог во кој, една од точките е посветена на отворањето на тајните досиеја во Македонија. Нејзината содржина, пак, јасно ја потврдува согласноста на власта на СДСМ/ДУИ дека тајните служби делувале врз политичко-етничка основа.

Фактор.бг се држи до старата и добро позната бугарска приказна и на 7 јануари, на ден Божик, објави релативно краток текст со наслов „Крвав Божик: По наредба на Тито во Македонија убиваат 1.200 Бугари“. Во текстот меѓу другото стои:

-Крвавиот Божик во Македонија никогаш не треба да биде заборавен-пред 78 години, на денешен ден Тито уредува крвав празник за Бугарите. На 7 јануари 1945 година, по наредба на крвавиот диктатор, кој е Хрват по потекло, и по список составен од Лазар Колишевски, без суд и пресуди во Вардарска Македонија се убиени 1.200 Бугари. Целта била да се избрише бугарската самосвест и да се забрза процесот на македонизација на населението.

Само на првиот ден на Коледе-7 јануари (во Македонија Коледе се нарекува Божик и се празнува според Јулијанскиот календар) во Скопје се убиени 63 души, во Велес 54, во Куманово 48, во Битола 36, во Штип 77, во Прилеп 35, крај селото Владимирово, во Бровско, 330 души, а телата на убиените во Велес се закопани зад црквата „Св.Спас“ и крај Пуста кула. Во наредните неколку недели во Охридско и Преспанско биле убивани цели семејства. Потоа телата им биле фрлани во Охридското и Преспанското Езеро или по чуките на планината Галичица крај селото Отешево.

Утврдено е убивањето на над 23.000 лица, кои ја искажале својата бугарска припадност, а други 130.000 Бугари се иселени, прогонети или испраќани во концлогорот Голи оток или во затворот Идризово.

На 5 јануари Трибуна.мк, пак, објави колумна на извесен доц. д-р Милен Михов со наслов „Македонскиот крвав Божик од 1945 г.“. Текстот е пишуван специјално за агенцијата БГНЕС и во него, меѓу другото, Михов вели:

-…Има еден Божик во нашата историја, кој останува под името Македонски крвав Божик – Коледе од 1945 година. Ова име стана симбол на насилство и масовни убиства, слично на Ноќта на св. Вартоломеј во средновековна Франција и Кристалната ноќ во нацистичка Германија.

Трагичните настани се случиле на 6 јануари 1945 година – Божик по стариот црковен календар, во новопрогласената Демократска Федеративна Македонија во границите на комунистичка Југославија, возобновена под раководството на диктаторот Тито…

Во продолжение Михов дава геополитичка и идеолошка, чисто коминтерновска, комунистичка насилна основа за формирање на „новата, македонска нација“ и што е најчудно не прави разлика од судењата на соработниците на бугарскиот фашистички окупатор и настаните на скопското Кале, со што фактички е извршен пуч на АСНОМ. А, кога станува збор за бројките тој меѓу другото забележува:

-…Комунистичката машина на терор и убиства е веќе задвижена и на првиот судски процес против т.н соработници на окупаторите се изречени 12 смртни казни, кои биле извршени и покрај инсистирањето за амнестија од страна на првиот претседавач на АСНОМ, Методи Андонов-Ченто. Првиот бран на масовна репресија се случил за време на Божик…

Немирите биле задушени под личното раководство на Темпо, кој итно бил испратен од Белград. Старејшините повикани на преговори се уапсени и по кратки распити биле стрелани во занданите на скопското Кале. Егзекуциите ги спроведувал лично Темпо и биле придружени со зборовите „Сакаш Солун, еве ти го!“. За само неколку часа, 70 офицери биле застрелани, а околу 1.000 војници повторно се враќаат во центарот на Скопје, каде што биле пречекани со оган од српските партизани. Десетици биле убиени на лице место, а 900 биле уапсени и затворени во Калето, каде мнозинството починале од нехуманите услови, без храна и вода.

Во Штип војниците практично го окупираа градот и против нив се мобилизирани комунисти, партизани и воени единици. Кога бунтот бил задушен, „некои биле линчувани“ според исповедта на Љубчо Арсов, тогашниот регионален водач на Комунистичката партија во Штип.

Задушувањето на немирите во армијата било придружено со масовна репресија врз цивили, кои биле егзекутирани без суд и пресуда. Имаме делумни податоци за масовни пукања на Бугари во Прилеп, Велес, Куманово, Скопје, Штип и други населени места во регионот. Затворените архиви го чуваат во тајност Крвавиот македонски Божик, а националната македонска историографија моделира политички коректни претстави за минатото. Бруталното насилство предизвикува во семејствата на жртвите застрашувачки страв само затоа што се Бугари. Се плашеле дека случајно испуштен збор или споделен спомен може да стане непремостлива пречка или да ја чини иднината на нивните деца. Затоа, најсигурниот начин да се спасат децата е да се сокрие споменот на нивните дедовци, кои биле бугарски учители, свештеници, војници, офицери или едноставно Бугари…

Михов не манипулира со бројките од 23.000 убиени и 130.000 насилно раселни „Бугари“, па дури и самиот потврдува дека користи „делумни податоци“, што е сепак доволно за нивна виктимизација и претставување на Македонците како геноциден народ.