Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, денеска имаше средби со францускиот претседател Еманула Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред – објави Мицкоски на „Фејсбук“ по средбата со Макрон.

Со германскиот канцелар Мерц, пак, размениле мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.
Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион – пишува Мицкоски.

На самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Тиват со мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема е проширувањето на Унијата.
Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, а домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На самитот присуствуваат и претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика – Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент – Роберта Мецола.

Франција и Германија на самитот ќе презентираат нон пејпер, во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство.
Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување, се наведува во француско-германскиот нон пејпер.







Comments are closed for this post.