Телата на тројцата починати Македонци од сообраќајката кај Лесковац денеска ќе бидат пренесени  во Македонија. Од повредените, петнаесетмина се уште се наоѓаат на лекување во Ниш и Лесковац, јавиа МИА.

-По завршената обдукција во Лесковац, тројцата починати од сообраќајната несреќа, 68-годишната К.К од Кочани, 68-годишниот маж В.Ш.од крушевското село Бучин и 63-годишната В.К од Кавадарци денеска ќе бидат транспортирани за Македонија.

Дванаесете лесно повредени патници и двете деца, кои беа сместени во хотелот „Апостоловиќ”, во Лесковац, вчера организирано беа префлени во Македонија. Од болницата во Лесковац пуштен е на домашно лекување уште еден од повредените Македонци, така што во таа болница се наоѓаат седум полесно повредени патници.

Осуммината потешко повредени Македонци се уште се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, од кои две патнички со тешки повреди на главата, на ‘рбетниот столб и со фрактура на карлицата, се во сериозна здравстевна состојба и приклучени се на апаратите за дишење. Сите останати се стабилизирани и не се животно загрозени. Лекарите во овие болници ја следат сотојбата на повредените и како што ни изјавија по подобрување на здравствената состојба во договор со македонските задравствени институции, пациентите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.

Во болницата во Лесковац се наоѓа вториот возач на автобусот, кој е во стабилна здравствена состојба и има полесни повреди. Тој за МИА изјави дека во моментот на сообраќајната несреќа спиел и не знае како дошло до трагичниот настан.

Од полицијата и од истражните служби на Србија, не информираа дека истрагата се уште е во тек и дека наскоро ќе излезат со целосни податоци. Возачот на автобусот, кој во Србија го нарекоа „автобус на смртта”, според српските закони, пред се, поради трите жртви, се наоѓа во притвор.