Полесно повредените патници од автобуската несреќа кај Лесковац се враќаат во Македонија. Тие се во подобра здартвствена состојба, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Утрово разговарав со директорот на болницата во Лесковац, кој ме информираше дека повредените се во добра состојба и дека може да се вратат дома. Во текот на денот организираме транспорт“, рече Филипче.

Во несреќата во која се преврте автобусот со македонски регистарски таблички, кој патувал на релација Битола-Виена, беа повредени 32 патници, а три лица починаа, сите државјани на Македонија.

Сите пациенти кои беа хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш и во лесковачката Општа болница, успешно закрепнуваат. Ниту еден не е во животна опасност.

Во болницата во Лесковац е хоспитализиран и возачот на автобусот кој според информации од Владата е под постојан полициски надзор.

Благодарни сме им на сите кои ни помогнаа кога ни беше најпотребно. Дома се враќаме со трауми кои нема да ги заборавиме цел жвот, но ќе ги памтиме и добрите луѓе од Србија, кои покажаа голема хуманост и пожртвуваност, изјави за српскиот портал „Новости“ една од повредените патници во автобусот, кој ноќта помеѓу сабота и недела излета од автопатот во близина на Лесковац.