Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска ги предупреди угостителите дека инспекторите засилено како и досега, ќе бидат на терен и за време на новогодишните празници и дека ќе казнуваат кога ќе откријат незаконско работење.

Контролите и за новогодишната ноќ ќе продолжат исто како до сега. Инспекторите се на терен седум дена во неделата, а не како порано што кажуваа 24/7, но има инспектори кои и по 12 или 14 часа се на терен. Толку имаме луѓе, сите се ангажирани. Верувам дека и новогодишните празници најголем дел од нив ќе ги поминат на терен. Затоа упатувам апел до сите што мислат да ги нарушуват протоколите, да се воздржат, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани, изјави денеска во Тетово директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски по отворањето на новата канеларија на Инспекторатот во овој град.

Во однос на последниот случај во Штип, Пауновски рече дека кога инспекторите дошле на самото место, објектите веќе биле затворени.

Нашата надлежност е да казнуваме кога на лице место ќе констатираме незаконско работење. Такви се законите и прописите и така мора да постапуваме. Во спротивно, ќе се соочиме со адвокати”, рече директорот на Пазарниот инспекторат.

На друго новинарско прашање тој рече дека не постои законска можност казни да се изрекуваат врз основа на фотографии или видео снимки.