Ќе ви го нудат Стево Пендаровски како нов и свеж интелектуалец, а всушност ви нудат заевизам спакуван во лаги од 2014 година. Заедно ќе го поразиме заевизмот, сега и на предвремените парламентарни избори, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој потсети на изјави на Пендаровски од претседателските избори во 2014 година, кога како опозициски претседателски кандидат, меѓу другото, велеше дека консултативен референдум е манипулација со народот и оти или има референдум или нема.

Тогаш паметуваше: Името не може да го смени само власта ниту, пак, за судбината на државата треба да решава само еден човек. За да се промени името треба да се оди на задолжителен референдум, а не консултативен. Па Пендаровски продолжува: Значи луѓето овде се согласиле на географска додавка. Кого прашаа? Кој ги овласти? Само се спорат дали е пред Македонија, или е пред Република? Кој им дал право да се договараат за географска додавка? Спорот околу името може да се реши само со државен консензус меѓу сите политички чинители затоа што со референдум не може ниту едно решение да помине со 900 илјади гласови. Без единство тоа не е можно, рече Стоилковски.

 

Потсетувајќи на зборовите на Пендаровски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тој е, како што рече, уште еден Заев, полн заевистички погодок, кој едно зборувал во опозиција, ништо од тоа не спровел како власт и се што зинал било – за џабе!

Овој Пендаровски сега треба да биде корисен за да ги аминува сите обезличувања и обесчестувања, сето изживување на заевизмот врз државата и народот – од двојазичноста, преку сите бришења од капитулацијата, до идните обезличувања како грб, химна, знаме на државата. За Стево тоа е прифатливо, тој и онака само треба да остане послушник, истакна Стоилковски.