Преочигледна е селективноста на ЈО на Љубомир Јовески и на ЈО за организиран криминал водено од Вилма Русковска. Македонија на сите мерења тоне во корупција и криминал, Македонија секојдневно ја тресат корупциски скандали со имиња на функционери на режимот, а Јовески и Русковска не отвораат ниту еден предмет за тоа, и притоа внимавајте повикуваат некој друг да им ја заврши работата, изјави на денешната прес конференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема крај на селективноста на Обвинителството и на судскиот систем затворени во пупката на Заев. Драги Рашковски, блискиот на Зоран Заев, измислува систем за снимање и автоматско казнување за прекумерна брзина во сообраќај. Рашковски прави набавка преку генералниот секретар каде се набавува софтвер со исти перформанси како неговиот пронајдок, ама несоодветен за МВР. МВР повеќе од осум месеци по добивањето на софтверот не го користи и прави свои набавки. Оштетен е државниот буџет, а ЈО не реагира, можеби само и само затоа што Драги Рашковски е и приватно и во владата близок на Зоран Заев, човек кој што наводно го реформираше судството и ги остави Јовески и Русковска да ги водат Јавните обвинителства, вели тој.

Стоилковски посочува дека селективноста во нивната работа, а со тоа и злоупотребите на нивната положба и функција со нивното непостапување, е лесно да се докаже. Во Македонија набавка на софтвер којшто не се користи, односно не е навремено ставен во употреба или е несоодветен, се дела за кои што има пресуди, има и кривични пријави, по коишто се водат постапки.

– Но луѓето за кои што се водат вакви постапки, не се блиски на Заев, не се дел од актуелниот режим, не се дел од пакетот „Висока корупција“. Јовески и Русковска судат луѓе за софтвер, ама не се блиски на Заев, за Рашковски нема предмет. Во јануари е поднесен кривична пријава против лице во МЕПСО, заради набавен софтвер во 2016-та година. Лани во декември заврши процес со обвинение поднесено од СЈО, исто за набавка на софтвер. И да не редам други случаи односно предмети со кривична одговорност за набавка на компјутерски програми коишто не биле соодветни, или не ги задоволувале потребите за кои што биле наменети, или купениот софтвер целосно не се интегрирал во системот. Или сето она кое што сега осум месеци по испорачувањето на софтверот на Рашковски се случува во МВР, случајот е јавно обелоденет, сите се заинтересирани за него, постои огромен јавен интерес, ама ЈО и ЈООК не реагираат и повикуваат некои „други институции“, прашува тој.

– Едно е јасно, Зоран Заев се појави, во изјава го амнестираше Драги Рашковски и тој по којзнае кој пат минува без отворен предмет во Јавното обвинителство. Водејќи се веројатно по премисата „Ако можеше да се затворат предметот за „Леонардо“, зошто не би можело и ова“, Јовески и Русковска свесно ја кршат дадената заклетва и со непостапување прават злоупотреба на службената положба и овластување. А Драги Рашковски и по 100 скандали уште седи во Влада! Ако барате дефиниција и пример за Режим и заробена држава-ова е токму тоа, додаде Стоилковски.