По бандитизмот со силувањето на демократијата и на Собранието, веќе не се бираат средства за оваа банда да си обезбеди бришан простор за реализација на распродажбата на се што е македонско и за општ грабеж. Еден месец по референдумскиот дебакл на Заев, партиското обвинителство СЈО во своето незаконско работење, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а партиското судство без никаква основа донесе позитивна одлука, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според партијата барањето на СЈО и одлуката на судиите се исклучиво, и исклучиво политички мотивирани,  целосно неосновани и без никаква правна аргументација.

Прво и основно, не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремени мерки од страна на СЈО. Второ и уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката, туку единствената намера е политички прогон и нарушување на можноста за нормално делување на политичка партија на опозицијата, рече Стоилковски.

Судот како што рече тој,  незаконски задира во правата на лица кои не се осомничени и со тоа јавно се испраќа порака на заплашување дека секој може да биде жртва доколку не се согласува или се спротивставува со антидржавните политики на Заев.

ВМРО-ДПМНЕ нема да го скршите, бидејќи ништо не може да ја скрши волја и одлучноста во борбата за Македонија, потенцираше Стоилковски.