Изборите минаа во мирна и фер атмосфера и граѓаните уште еднаш ја демонстрираа својата зрелост и одговорност да одлучуваат за иднината на својата земја, оцени вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конефренција во МВР по завршувањето на вториот изборен круг од претседателските избори.

Според него, три случаи на фотографирање на гласачко ливче и четири случаи за наводно агитирање се регистрирани од полицијата за време на вториот круг од шестите претседателски избори во нашата земја.

Како што соопшти министерот Спасовски првиот случај со фотографирање на гласачко ливче бил на избирачко место во село Другово, кичевско, вториот на гласачкото  место ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, а третиот во Неготино.

Против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава. Евидентиран е и случај во Неготино каде едно лице при гласање на еден од параваните со пенкало испишал бројка, истакна Спасовски.

Информираше дека по превземените мерки за наводното агитирање пред избирачките места, полицијата утврдила дека пријавите се неосновани.

Министерот рече дека се евидентирани и две пријави за организирнао носење гласачи при што во едниот случај за избирачко место во Битола е утврдено дека пријавата е неоснована додека пак за другиот случај во Кочани се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Министерот се заблагодари на припадниците на МВР зашто одговорно ги извршија своите работни задачи и како што рече овозможувајќи целиот процес да се спроведе мирно и безбедно согласно сите законски прописи.