Како што беше одлуката, така и се постапи, во сите училишта каде што има членови на синдикатот на СОНК, во сите градови и општини, вработените се приклучија на штрајкот, рече на прес конференција по тој повод претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Тој информираше и дека голем број на вработени во училиштата кои не се членови на синдикатот, по основ на солидарност, се приклучиле на штрајкот.
Неделков рече и дека имало училишта каде се прифаќале деца, некаде се одржале и свечени приредби и според него тоа не биле нивни членови, а тоа по основ на закон може да се прави, појасни тој.
За разлика од претходните денови кога во нашите изјави кажувавме дека врз нас се вршат некакви притисоци од страна на директори и заменици директори и од локалните самоуправи, за да се прифатат децата, за волја на вистината таквата појава денеска не беше присутна, рече Неделков.
Ситни притисоци, додаде тој, биле вршени од страна на општинските инспектори кои барале одлуки и записници од синдикатот за одлуката за штрајк, за што Неделков рече дека тоа не е нивна работа бидејќи одлуката била донесена на највисоко ниво.
Од СОНК очекуваат од утре да почнат преговорите со МОН во делот на прашањето за зголемување на платите и тоа не само кај наставниците туку и кај сите инволвирани во образованието, мислејќи на техничко-помошниот персонал. Преговорите ќе траат до крајот на месец септември, доколку нема поволни одлуки, советот на 1 октомври ќе одлучува што понатаму.
Постојат повеќе опции, од масовни протести, генералне штрајк, блокади на патишта, патарини, централното градско подрачје. Тоа се мерки кои нашиот синдикат може да ги искористи. Можни се сите опции вклучително и генерален штрајк, потенцираше Неделков.
Барањата на СОНК велат одат во проценти каде што се повикуваат на процентот на зголемувањето на минималната плата на национално ниво, која во последните четири години, како што велат, се зголемила за 25 проценти.
Ние во последните четири години имаме зголемување на платата од 5 проценти. Нам реално државата ни ја должи разликата од минималната плата и ова што ни го даваат. Значи СОНК тоа не го смета за зголемување на платата туку согласување на платата со минималната плата. Законска обврска е со промена на платите на национално ниво да се искорегираат платите во сите дејности согласно колективните договори, за жал тоа не е направено, вели Неделков.
За најавеното зголемување уште за 5 проценти на платите, од СОНК велат дека му се благодарни на министерот, но тоа не е доволно и како што рече Неделков тоа не држи вода, бидејќи таквото зголемување кај еден хигиеничар би било 650 денари.
Дополнително од СОНК информираа дека во регионот Македонија и Албанија се на дното на скалилото по висината на платите во образованието.
Comments are closed for this post.