Најавата на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на претседателските избори е потврда дека Христијан Мицкоски знае дека нема поддршка кај граѓаните и бара алиби за изборниот пораз што го чека, рече денес Костадин Костадинов, портпаролот и пратеник на СДСМ.

„Очаен е антизападниот Мицкоски, целосно загубен во неуспехот на неговото деструктивно антизападно делување. Тој, Груевски, Иванов и Бачев не успеаја да ја блокираат иднината на Македонија во ЕУ и НАТО, беа поразени од граѓаните.

Се обиде со некакви протести и собири, ги најавуваше за секоја среда и секоја недела, виде дека нема поддршка од граѓаните, ги откажа ненадејно. Му се приклучи на Јанко Бачев и се сведе на негов портпарол. Не успеа. Нивните заеднички собири на кои се сееше омраза, раздор помеѓу граѓаните, невистини и антизападни пароли, граѓаните ги отфрлија“, рече на прес-конференцијата Костадинов.

Тој додаде дека Мицкоски е соочен со сопствената неспособност и „неуспехот на антизападните политики“, па затоа се обидува да направи нови обиди за деструкција, условувања, блокади.

„Ниту една идеја, предлог, програма, план за доброто на граѓаните и државата не слушнавме од антизападниот Мицкоски. Мицкоски и неговите црнила како и деструкциите на неговата партија немаат поддршка од граѓаните.

Наместо условувања за бојкотирање на избори Мицкоски нека се подготвува за пораз на следните избори какви и да се. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов, ниту пак нов Груевски.

Македонија тргна напред. Граѓаните се одлучија за напредок и интеграција во НАТО и ЕУ“, рече портпаролот на СДСМ.