Премиерот Зоран Заев во последното гостување во 24 Отворено најави дека веднаш по изборите ќе направи владина реконструкција во која ќе бидат заменети неколку министри. Тој не сакаше персонално да ги посочи министрите, кои ќе бидат заменети, но рече дека реконструкцијата ќе опфати министри и од СДСМ и од ДУИ.

Никој нема да биде поштеден во реконструкцијата на владата, рече Заев, потенцирајќи дека тој веќе има предвид кој министри ќе бидат ставени под лупа.

Ваквиот негов став е сосема спротивен од оној што го имаше лани по аферата со злоупотребата на средства од Фондот за иновации, што им беа доделувани на фирми на роднини и блиски на високи државни и партиски функционери.

Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта. Тие апсолутно постапуваат етички, излегоа на прес-конференции да ги кажат своите ставови и тоа е фер однос. Проблемот е што во минатото не се откажуваа и оставаа до крај впечаток дека нешто не е етички или коректно, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“.

Но, сега ситуацијата е драстично сменета, па по метлата, што симболично ја прими на еден од предизборните собири, веќе не се поставува прашањето со кого ќе работи премиерот, туку кој ќе лета од Владата. Заев сигурно ги знае веќе имињата, иако кога станува збор за министри од ДУИ, тука, по се изгледа, ќе мора да се бара виза и од Али Ахмети. Што, пак, уште еднаш потврдува дека владата ни е „двоглава“, а премиерот не ја држи цврсто диригентската палка.

Во отсуство на официјални информации, нормално е да се присутни шпекулациите. Според нив, се очекува први на удар да бидат министерствата за култура, за животна средина, вицепремиерот за Рамковниот договор, министрите од економската сфера и привлекување странски инвестиции. Или, преточено во имиња Асаф Адеми, Садула Дураку, Хазби Лика, Крешмик Бектеши, Зорица Апостолска… Во јавноста веќе имаше шпекулации дека Адеми ја депонирал својата оставка, но заради изборите таа е ставена ад акта. Неговиот „грев“ се пропустите во распределбата на средствата за култруни проекти и тоа две години по ред. Загаденоста на воздухот го „загади“ и Дураку, на чие конто, пак, оди и неговата изјава дека „не се занимавал со граѓаните“ од чии даноци, пак, ужива во министерската фотелја. Бектеши беше главен промотор на конфликтот со пазарџиите, но чашата на незадоволство ја прели непотизмот и вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Иако важи за внук на Ахмети, сепак антикорупционерите оценија дека тој можел да има (ин)директно влијание при ангажманот на Влора Бектеши, а подготвеноста за плаќањето на прекршочната казна нема никакво значење, зашто доаѓа пост фестум. Лика, пак, веројатно и самиот заборавил кога последен пат се појавил на своето работно место, а фингираните информации за мир во куќа не го поминаа тестот на времето.

Наспроти фалбите за рекордните директни странски инвестиции, министерката без ресор задолжена за нив, Апостолска, повеќе се памети по нејзиниот „генијален успех“ да врати двајца млади високообразовани кадри, отколку по една, барем една странска инвестиција.

Но, таа нема да биде единствената министерка од, условно речено, македонски блок во Владата. Под голем знак прашалник е Мила Царовска. Зашто, таа со својот ангажман ги задоволи партиските и критериумите на невладиниот сектор, но се покажа дека „фабрикуваниот“ проблем со средства во Пензискиот фонд ги наруши односите меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ. Министерот за информатичко општество е многу блиску да ја визира „метлата“. Зашто, „Дамјан на Рада“ направи редица гафови со свои изјави и постапки, а кулминација беше максимално лошото менаџирање при илјадниците вработувања на блиски роднини и пријатели на партиски и државни функционери. Останува да се види колку Рада ќе има моќ премиерот уште еднаш да му прогледа низ прсти. Се чини дека една од главните шпекулации во кругот на „метлата“ е да се најде и министерот за надворешни работи Никола Димитров. А, неговиот „грев“ наводно лежи во личните амбиции да биде претседателски кандидат на власта за што лобирал при неговите средби со странски државници, но истовремено и директно барајќи средства за финансирање на кампањата, што не наишло на добар прием кај владејачката партија. Сепак, за него се вели дека има резервно, новоформирано министерство.

Од директорите најверојатно „печени“ се првите луѓе на ЕЛЕМ и МЕПСО, затоа што според оценката на Антикорупционерите со креирање на работни места за роднини на функционери целосно го изгубиле дигнитетот и интегритетот.