Лидерот на Има таков народ постави серија услови за да може Бугарија да ја смени својата позиција и да ја одобри преговарачката рамка на С.Македонија за членство во ЕУ. Меѓу нив се и тие, САД да ги укинат визите за бугарските граѓани и Бугарија да влезе во Шенген зоната за слободно патување, пишува Медиапул.
-Ќе ви кажам што мислам јас. Бидејќи Американците ја сакаат толку многу С.Македонија во ЕУ, тогаш граѓаните на Бугарија, како и граѓаните на повеќето држави на Европската унија, да немаат потреба од визи за да патуваат во Америка. Тоест, ние сме рамноправна членка на ЕУ и бугарските граѓани, бидејќи се европски Европејци, немаат потреба од визи за да отидат во Америка, посочува Слави Трифонов во статус на својот личен фб профил.
И второ, повторно бидејќи сме членка на ЕУ, Бугарија веднаш треба да стане членка не Шенген зоната. Аман од чекање и чекални и божем сме Европејци, ама сме помалку Европејци од вистинските Европејци. Така што-без визи во Америка и членови на Шенген зоната веднаш.
Под тие услови и ако Македонците, извенете-северномакедонците ги исполнат нашите услови, потпишани со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Бугарија и С.Македонија можеме да го започнеме преговарачкиот процес да и дозволиме на С.Македонија влез во ЕУ, пишува Трифонов.
Една од 5+1 точките од патната карта, што Бугарија очекува Македонија да ја потпише за да го крене ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ, е и борбата против говорот на омраза. Слави Трифонов, чија партија е член на новата бугарска влада, во својот фб статус отворено ги навредува Македонците именувајќи ги како северномакедонци. Ова, со други зборови значи дека за новата бугарска влада Македонците се северномакедонци!
Употребата на терминот „северномакедонци“ е бугарско секојдневие за нивните медиуми. И досега ваквите навреди не беа причина нашето МНР и официјално да реагира, можеби сметајќи дека тоа е реалност за него и за министерот Бујар Османи, иако со Договорот од Нивици, власта постојано тврди дека македонскиот идентитет е бетон.
Очигледно ни Бугарија, ни Владата водат грижа за достоинството на Македонците и менувањето на нивниот идентитет. Ако имаат барем малку чувство за државност, пред се министерот Османи, мора веднаш да реагира и да испрати протестна нота до бугарското МНР.
Comments are closed for this post.