Наместо Заменик на претседателот на владата на Македонија за борба против корупцијата, од вчерашните изјави на г-дин Љупчо Николовски, гледаме дека сме добиле висок владин функционер не за борба, туку за забошотување на корупцијата. Не за поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата, туку за нејзина контрола и парализа на нејзините активности. Не за справување со корупцијата, туку за менаџирање на корупциските скандали кои ќе избијат на површина, со цел да се намали штетата за режимот. Ништо повеќе од тоа, истакна на денешната прес-конфренција Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не пораснала корупцијата, ќе каже тој, туку пораснала перцепцијата за неа! Па тоа е единствениот начин за мерење на нелегалните активности за злоупотреба на моќта во лична корист. Ова е како да кажете дека не се зголемила недовербата во власта кај граѓаните, туку само се намалил нејзиниот рејтинг. Корупцијата, наводно, била последица на претходните влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Го прашуваме господинот Николовски: Зошто за време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ според светски прифатениот индекс што го објавува невладината Transparency International, Македонија бележи историски најниски нивоа на корупција, а кога е СДСМ на власт – историски највисоки нивоа? Кога зборуваме за режим, да се потсетиме на следново:

-Во првите четири години по смената на власта во 2006 година, владата на ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја подобри позицијата на Македонија за цели 38 места – од срамното тогаш 105 место, наследено од СДСМ, земјата во 2010 година се најде на историски најниското 67 место на листата на Transparency International, што значи историски најдобар резултат до сега. Спротивно на ова, во периодот 2017-2020 година, во времето на СДСМ, резултатот е влошен за 21 место, за да се најдеме на срамното 111 место на листата, резервирано за високо корумпирани земји.

Податоците се неумоливи и толку едноставни за споредба за секој да може да извлече сопствен заклучок за тоа што и се случува на Република Македонија. Она кое што е деградирачки и потценувачки за земја како Република Македонија е што помалку корумпирани земји се Косово, Албанија, Буркина Фасо, Белорусија, Танзанија, Гамбија, Брегот на Слонова Коска и други.

Како и обично, СДСМ причината за дебаклот на полето на спречување на корупцијата и овој пат ја бара во опозицијата и ја лоцира во некои наводни остатоци во сферата на судството. Владеењето на правото е важен елемент за имиџот на една земја на планот на корупцијата, но индексот за кој зборуваме се формира и врз основа на други показатели кои се темелат на анкетни истражувања со бизнисмени, домашни и странски, и релевантни експерти, од разни области за корупцијата во доменот на обезбедување лиценци и дозволи; корупција кај јавните набавки; во областа на образованието и здравството и сл.

Притоа, доминантни се ставовите на бизнисмените за препреките со кои се соочуваат во секојдневното работење, а се манифестираат како отворена или посуптилна корупција од страна на власта и нејзини претставници. Драстичното паѓање на рејтингот на нашата земја требаше и да го очекуваме по губењето на приматот на земјата од пред неколку години на листата на Светска банка за Водење бизнис, рече тој.

Тој потенцираше дека случајот со јавните набавки е парадигматичен и потсети на некои работи.

„Понатаму, парадигматичен е случајот со јавните набавки во Република Македонија. Да се потсетиме:

– Во име на усогласување со Директивите на ЕУ за јавните набавки и доведување во ред на јавните набавки во земјава се донесе новиот Закон за јавните набавки со важност од Април 2019 година, но наместо тоа тој со повеќе негови одредби овозможи да се зголемат ризиците од коруптивно однесување, кое во практиката немилосрдно се користи и слободно може да и се додели името „корупција заснована на закон“.

– Наместо да се унапреди контролата во јавните набавки се укина Советот за јавни набавки и во рамки на Бирото за јавни набавки се формира Управна контрола и наместо да профункционира како ефикасен антикорупциски механизам, таа постана само формална, селективна и нефункционална.

– Носителите на високи јавни функции не спроведуваат групни набавки за истородни стоки, услуги и работи преку рамковни спогодби. Кај нас и тоа се злоупотреби, како што беше пропаднатиот повеќемилионски тендер за набавка на реагенси, што значи дека само се потврди правилото колку се во прашање поголеми пари корупцијата е почеста и помасовна. Најверојатно ваквиот однос е и заради неефикасното, корумпирано и селективно обвинителство и судство. Практично во последно време предмет на гонење се само политички нарачани случаи, а не такви што се продукт на носителите на власта.

Познати се катастрофалните последици од високото ниво на корупција и економскиот раст во една земја. Ова го потврдуваат бројни емпириски студии, како што може да се види на еден од графиконите. Инвеститорите соочени со корупција од страна на носителите на власта се воздржуваат од инвестиции и ширење на постојните бизниси, што го намалува долгорочниот потенцијал за раст на економијата, а со тоа и повисок животен стандард на граѓаните.

Високото ниво на корупција, исто така, не е погодно тло за поамбициозни реформи во образованието. Корупцијата негативно влијае врз мотивацијата на луѓето за инвестирање во својот човечки капитал, а во драстична форма го поттикнува иселувањето на младите, со што се губи есенцијална супстанца за просперитет на економијата и општеството на долг рок.

Овој тренд на се подлабоко тонење на Република Македонија во мочуриштето на корупцијата мора да прекине! Мора сите да го дигнеме својот глас против ова зло. Како што може да се заклучи, власта предводена од СДСМ во оваа борба не може да биде сојузник, затоа што таа е изворот на високата корупција, изјави Славевски.