Скопје доби нов парк во центарот на градот, на левата страна на Вардар во срцето на некогашното Пајко Маало, веднаш зад Македонската филхармонија. Паркот го носи името „Ибни Пајко“ и се протега на површина од 11 илјади квадратни метри.

Градоначалникот Шилегов рече дека особено е горд затоа што за подигнување на паркот не е потрошен ниту еден денар. Дел од урбаната опрема е донирана од Општина Центар, а заштитени се затекнатите 12 дрва кои беа на просторот и збогатен е со уште 85 дрва.

Покрај паркот изградени се и пешачки патеки како и една сервисна улица. Клупите и корпите се поставени да ги користат граѓаните, а колку подолго траат толку подобро ќе биде за граѓаните рече Шилегов и додаде дека обезбеден е и паркинг за велосипеди кој е под видео надзор.

Паркот ќе добие додатна вредност во однос на културните збиднувања, бидејќи една од содржините во него е и летната сцена, согласни првите луѓе на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Националната галерија „Даут пашин амам“.

Директорката на НГМ, Дита Старова-Ќерими, рече дека години наназад се соочувале со големи проблеми со просторот пред националната галерија, но вели сега конечно имаат достоен простор, заеднички со сите институции, каде освен внатре тековните активности ќе може да ги реализираат и надвор.

Директорот на Македонската опера и балет, Васо Ристов пак, рече дека со изградбата на паркот се решеил голем проблем за МОБ бидејќи секогаш кога имало обилни врнежи, гримиорните на институцијата биле поплавувани.

Шилегов упати и апел, да го сакаме Скопје и да се погрижиме да ги зачуваме јавните градски зелени површини, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат повеќе зелени површини.