Во целата мешаница околу предавањето на предметите на СЈО во републичкото Јавно обвинителство и иднината на започнатите предмети, ниту еден од функционерите или правните експерти не ги спомена „бомбите“, односно незаконски снимените телефонски разговори врз чија основа беше формирано и самото Обвинителство.

Според законските одредби, по завршувањето на мандатот на СЈО, тие требаше да бидат уништени.

Но, сега се поставува прашањето што ќе се случува со нив? Дали тие веднаш ќе бидат уништени или, пак, ќе бидат предадени во Републичкото јавно обвинителство како и предистражните, истражните и процесиуираните предмети?

Уште при нивното предавање од страна на СДСМ во рацете на СЈО беше направена капитална грешка. Зашто, сето тоа беше сторено без никаков записник. И при појавата на новите „бомби“ во јавноста сосема оправдана беше дилемата дали тие потекнуваат од СЈО или, пак, од тие што ги „обезбедиле“ како средство за лична заштита во дадени услови и околности.

Сега, која ќе биде гаранцијата дека по распадот на СЈО тие ревносно ќе се чуваат за потребите на предистражните, истражните и процесуираните предмети? И колку такви се точно на број, а колку се непотребни? За потсетување, тие требаше да послужат само како индиција за евентуално сторени кривични дела, иако потоа се трансформираа и во доказен материјал.