Специјалното јавно обвинителство се уште не ја има завршено првата анализа за „бомбите“, што ги објави Илија Громовник, а веќе почна нова, но овојпат за новите „бомби“, што на фејсбук ги објави лицето  со потпис Ел Чека. Тој тврди дека снимките од телефонските разговори му се дадени од припадници на таканаречената Кумановска група, а кои лежат во македонски затвори за настаните во Диво насеље.

Се анализираат снимките, нивното потекло, дали се дел од предадените 500.000 или се нови. Кога ќе заврши анализата, јавноста ќе биде известена за резултатите. Ние сме сигурни дека и новите снимки не се излезени од кај нас“, велат за Пресинг Тв од СЈО.

На прашањето до каде е истрагата за „бомбите“, што пред извесно време беа објавени на руска социјална мрежа од анонимен профил со псевдоним Илија Громовник, од СЈО додаваат дека таа се уште не е завршена.

Ел Чека пред неполн час објави и уште два нови телефонски разговори за кои тврди дека се меѓу екс министерот Муса Џафери и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а наводно зборуваат за Охридскиот рамковен договор.

МВР вчера информираше дека го лоцирале објавувачот и дека го известиле обвинителството.

Утврдено е кој стои зад профилот на Фејсбук од каде што се пласирани овие содржини и за тоа е известено Обвинителството. Исто така, известена е социјалната мрежа Фејсбук односно надлежните во оваа компанија се известени дека се пласирани нелегални содржини преку нивниот сервис. По целосното расчистување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста“, информираа од МВР.

Ел Чека, пак се исмеваше со известувањето на МВР.

Глупоста на ДУИ нема крај, ме откриле? Да, мојот профил е јавен и има слики од мене. И ова го нарекуваат криминал? Зарем убиствата на борците на УЧК и Албанците не се криминал? Ќе биде ли некој осуден за тоа? Бог да ги благослови Албанија и Америка!, напиша Ел Чека на Фејсбук.

Според ДУИ, МВР и Обвинителството целосно потфрлиле кога станува збор за нелегално прислушуваните материјали објавувани на социјалните мрежи.

Досега нема никаков епилог ниту од „бомбите“ кои беа објавени пред неколку години, а за кои ДУИ достави пријава до МВР и до Обвинителството. Второ, како е можно затвореници да поседуваат мобилни телефони, да располагаат со такви материјали и секој ден да ги објавуваат на Фејсбук? Што прави МВР и што прави директорот на затворот?“ – прашуваат од ДУИ .

Заев не слушнал дека има нови „бомби“

Во однос на новите „бомби“ од прислушувани разговори наводно на лица од ДУИ, кои се пласираат на Фејсбук, и дали ќе побара одговорност од коалицискиот партнер зашто има индиции за криминал, премиерот Зоран Заев вели  не слушнал дека се појавиле нови „бомби“ и не може да ги коментира зашто, како што рече, не знае дали се од објавените материјали што ги поседуваше СДСМ или се нови.

Дали има или нема индиции зависи од тоа колку е очигледна работата или не е. Кога јас ги објавував „бомбите“ на најтранспарентен начин, секогаш зборував за индиција. Затоа и беа процесирани постапките, затоа беа предадени материјалите. Според датумите кога биле правени, по моја проценка, една третина од материјалите беа во наша сопственост, дел од тие што биле снимени во тогашната УБК една третина биле доставени до опозицијата. Добро е што денес има закони за тоа. Очекувам институциите да постапат, зашто финиширањето на Пржинската влада и договарањето беше и правна регулација на неовластеното пуштање во промет на снимки, особено во делот на приватноста, рече Заев.

Предраг Димитровски    Бојана Димитријевска