Во затворот Скопје, попознат како „Шутка“ се наоѓа најголемото и најобезбеденото одделение за притвор, во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години. Капацитетот на ова одделение е 330 места, а во моментов во него има 250. Исто така, во овој затвор казна издржуваат лица oсудени до три години затвор, како и рецидиви осудени со правосилна пресуда до шест месеци. Во моментов казна затвор издржуваат 150 осудени лица, а капцитетот е до 170.

Во интервју за МИА, директорот на оваа институција, Ѓорѓи Котевски, зборува за третманот што го добиваат затворениците, нешто што во последно време предизвика доста внимание и шпекулации дека одредени „гости“ во „Шутка“ имаат повластен третман. Котевски ги негира тие наводи, односно вели дека сите притворени лица добиваат соодветен, ист третман, како во новиот и во стариот дел условите се тие што се. Притоа, директорот појаснува дека затворениците имаат право да внесуваат храна од надвор, домашна или од ресторан, но таа мора да биде адекватно спакувана и јасно декларирана.

Согласно куќниот ред, ако зборуваме за притворените лица тие имаат право да се хранат со храна од надвор или од ресторан, но таа мора да биде донесена од страна на лица на нивното потесно семејство или лица кои имаат дозвола од суд. Секако храната мора да биде херметички спакувана со потекло, со декларација да се знае од кој ресторан е купена итн. Во нашиот затвор има и кантина. На притоврените лица нивните најблиски или нивните бранители можат да им уплатат средства на сметка и преку нашата кантина да добијат дел од производите. Кантината е збогатена со производи, ги има сите основни. Морам да напоменам дека во затворот единствен начин да се добие течност – сокови и напитоци, е само преку кантината на затворот – вели Котевски.

Истовремено, Котевски вели дека одредени затвореници имаат подобри услови во однос на другите, но тоа се мерки што се превземаат за да се награди доброто однесување.

Тоа е зависно од третманската група на осудените лица. Осудените лица се по поминување од три до 15 дена во приемно одделение каде што се работи со нив од страна на психолози, социјални работници, воспитувачи, им се одредува третманска група во зависност од делото, висината на казната, се врши анализа или одредени други фактори треба да влијаат за тоа лице да се вклучи во третманска група „В“ или затворено или во полуотворено, отворено одделение. Значи, постојат повеќе фактори, повеќе влијанија, нема еден фиксен критериум. Лица кои се во полуотворен третман по одредено време, доколку има подобрување на поведението, доколку се работно ангажирани и го заслужат, и во зависност од истекот на неговата казна, можат да бидат прогресирани во отворен тип на третман во кои ги добиваат поволностите што ги кажавте вие – соба со телевизол, LCD телевизор, со фрижидер, решо, значи меѓу најдобрите услови што постојат во затвор – објаснува Котевски.

Затоа, пак, како што потенцира Котевски, во тие „добри услови“ никако и никогаш не може да стане збор за поседување мобилен телефон.

Во сите затвори е забранет мобилен телефон и во притворскиот и во осуденичкиот дел. Мобилен телефон е забранет. Но, затоа ние имаме говорници – две во полуотворено и отворено и една во затворениот дел кои се достапни. Во затворениот дел се под надзор, а во полуотворениот и отворениот дел лицата повеќе од 12 часа им се достапни говорниците, функционални се, можат да разговараат без надзор со своите најблиски – вели Котевски.

Во рамки на процесот на ресоцијализација, осудените лица се работно ангажирани. Како што објаснува директорот на затворот, во „Шутка“ има браварска и столарска работнилница што ќе бидат активирани сега, има автомеханичарска работилница со возен парк, има поледелство и земјоделие како активности што овозможуваат осудениците да бидат работно ангажирани. Исто така, појаснува Котевски, за хигиената во сите објекти се грижат осудените лица, кои се работно ангажирани во секторот хигиена.