Се уште е неизвесно што ќе донесе спроведената епидемиолошка анкета меѓу пратениците, откако пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, беше хоспитализиран на Инфективната клиника, поради заболувањето од Ковид-19.

Јахоски последен пат бил на работа во Собранието во средата, на седница на Комисијата за финансирање и буџет.

По потврдата на корона вирусот кај Јахоски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го информирал претседателот на Комисијата за заразни болести и се прави епидемиолошка анкета на пратеници. Засега, се уште се стои на планот на 12 октомври да се продолжи со работа со седница, се разбира ако се добие дозвола од Комисијата за заразни болести. Доколку, пак, нема доволно гласови, седницата ќе биде прекината.

Од 15. октомври треба да започне комисиската расправа за ребалансот на Буџетот, па се очекува намален интензитет на пратеници во Собранието. Но, конечната одлука ќе зависи од Комисијата за заразни болести.

Засега од кабинетот на претседателот Џефери само со кусо соопштение потврдија дека Јахоски е во болница и апелираат да се почитуваат мерките. Нема информации дали и како сето ова ќе се одрази на работата на Собранието и дали некој од пратенците ќе оди во изолација.

-Апелираме до сите останати пратеници, освен во Собранието, да се придржуваат до мерките за заштита на колективното здравје и во домашни услови, посебно во контактите со најблиските, велат од Кабинетот на Џафери.

Од пратеничката група на ДУИ не одговараат на повиците да кажат дали некој од сопартијците на Јахоски е сомнителен или пак изолиран, по контакт со него.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, за 24 Вести најави дека ситуацијата со Јахоски ќе биде само уште еден аргумент плус тој повторно во вторник да побара на координација онлајн работа на Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, иако и нивна пратеничка е заразена со коронавирус и не доаѓа подолго во Собранието и денеска на истиот став – Собранието мора да заседава со физичко присуство, се друго, велат, е противуставно.

На ист став и од албанскиот опозициски блок. Координаторот на Алијанса – Алтернатива, Скендер Реџепи за ТВ24 вели дека се сигурни дека власта ќе ја злоупотреби таа можност. И порачуваат дека пратениците што би биле во изолација, да можат да дебатираат, но и не и да се бројат во кворумот.

Во Собранието досега имаше еден пратеник со Ковид 19, исто така од ДУИ, Арбен Зибери. Тој за гласање за Владата гласаше од посебна кабина и беше вратен во изолација.