Канцеларот на Сојузна Република Германија Олаф Шолц денеска пристигна во еднодневна официјална посета на Република Македонија. Канцеларот Шолц, чиј домаќин ќе му биде претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на аеродромот во Скопје го пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Канцеларот Шолц и неговата делегација на платото пред Владата  беше пречекан од премиерот Димитар Ковачевски, со церемонија за пречек со највисоки државни и воени почести.