Армијата во зградата кај „Скопјанка“ интервенирала на лично барање на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Луѓето кои живеат во зградата во Аеродром вчера неколку часови стоеја пред својот влез и беше потребна брза интервенција, при што Армијата на Република Македонија реагираше на мое лично барање и замолница“,  појасни денеска Шилегов,одговарајќи на новинарско прашање зошто припадници на АРМ биле ангажирани во текот на вчерашната операција поради остар мирис во првиот влез од зградата на булеварот „Кузман Јосифовски- Питу“.

Тој вели дека градот нема многу законски надлежности во такви процедури и рече дека во земјава има два система за утврдување на токсини во воздухот.

„Едниот е во рамките на Центарот за управување со кризи и е сместен во Велес, а вториот е на АРМ и е сметен во касарната Патровец. За нас побрзо решение беше да се активира армиската единица“, изјави Шилегов и додаде дека на негово барање се дозволило присуство на единицата, која, како што рече, регистрирала зголемено количество на амонијак во критичниот стан од зградата.

Скопскиот градоначалник кажа и дека присуството на амонијак во воздухот не е наивна работа и додаде дека има многу случаи во кои луѓе починале откако влегле во шахти и септички јами каде имало присуство на овој гас.