Администрацијата на Град Скопје треба да биде пример и стимулатор на еколошкиот живот на граѓаните, смета градоначалникот Петре Шилегов, и набавката на шесте хибридни автомобили е чекор кон исполнување на таа цел.

Станува збор за шест хибридни автомобили марка „Тојота Јарис“ за кои градот одвои шест милиони денари со вклучен ДДВ.

Овие возила се карактеризираат со мала потрошувачка и мала емисија на загадување и се дел од активностите на градот за обновување на застарениот возен парк.

Додека ја предводам градската администрација, возилата што ќе се употребуваат ќе бидат или на хибриден или на електричен погон. Сакам градот да испраќа порака до граѓаните дека сите треба да ја штитиме животната средина и на овој начин ќе се намали аерозагадувањето, особено оној дел предизвикан од автомобилскиот и патниот сообраќај – изјави Шилегов.

Во рамки на активностите за постигнување на целосно еколошки возен парк, градоначалникот најави дека од досегашните возила што не ги исполнуваат високите еколошки критериуми, дел ќе бидат дадени на лицитација, а останатите ќе бидат отстапени на други градски институции, затоа што Градот ќе се труди да има што е можно повеќе еколошко поведение во однос на возниот парк.