Град Скопје е подготвен веднаш да ја почне постапката за реализација на проектот за трамвај во главниот град, но како што истакнува градоначалникот Петре Шилегов, градот со своите буџетски средства не е во можност самостојно да влезе во тој проект.

Затоа, градската администрација изработила информација што ќе биде доставена до Претседателот на Владата, кој треба да го свика Економскиот совет за евентуално преку ова тело да биде решено финансирањето.

Според очекувањата на Шилегов, Економскиот Совет би требало да биде свикан во текот на наредната седмица.

За мене е императив да воведеме еден современ јавен транспорт во нашиот град. Градот, за жал, со буџетските средства коишто ги има не може сам да ја спроведе таа акција, меѓутоа врз основа на она што како договор го имам постигнато со Претседателот на Владата очекувам дека Владата ќе помогне во финансирањето на јавниот транспорт. Доколку се обезбедат средствата градот е спремен, што се вели уште денеска, да ја почне постапката – изјави Шилегов.