Само пред нешто повеќе од две години, мојата земја беше извор на загриженост кај повеќето сојузници во НАТО и ЕУ. Потребна беше нова влада, огромна политичка одлучност, храброст и способност за донесување одлуки за да се променат работите, и да се очекуваат добри вест на самитот во Лондон – рече вицепремиерката Радмила Шекеринска на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“, на Бледскиот стратегиски форум.
– Со решен спор со Грција, добри односи со Бугарија, пробив во зацврстувањето на демократијата и слободата на медиумите, денеска имаме четирикратно зголемени странски инвестиции и 50.000 нови работни места, имаме успешен пример – рече министерката за одбрана.

Според неа добра вест е „што изгледа дека земјите-членки на ЕУ се подготвени да ја следат истата агенда и да ги наградат сигналите за напредок на Балканот“, мислејќи на односите со НАТО.

Таа рече дека од особена важност е, кога има резултати и напредок, да има и брза реакција.

– Навистина мислам дека дојде време кога може да кажеме дека покажавме многу брзо закрепнување, многу брзо резултати, но, исто така, дојде и времето ЕУ да покаже дека брзото закрепнување и брзиот напредок резултира со донесување брзи одлуки. Октомври е важен и за нас и за Унијата, истакна Шекеринска.