Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека според проценките на Владата недели ја делат Македонија од можноста да седне заедно на иста маса со сојузниците.

Треба да ги почитуваме процедурите и во Грција, но и во НАТО. За земјите-членки меѓу кои и Словенија да го потпишат протоколот за пристапување потребно е Преспанскиот договор да биде целосно ратификуван и очекуваме оваа недела грчкиот Парламент да го исполни својот дел од обврските. Во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде целосно ратификуван и од страна на Македонија и од страна на Грција очекуваме сите 29 земји-членки релативно во кус и ефикасен период да го потпишат протоколот за пристапување по што Грција ќе може да го ратификува. Грција не може да го ратификува протоколот, ако тој е не е потпишан или ако не е подготвен од страна на НАТО. Добро е што во процедурата на изготување на протоколот ниту една земја членка на НАТО немаше ниту едно отворено прашање и практично тој беше одобрен низ една процедура на молчење, нагласи Шекеринска.