Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ бара владата на студентите да им се вратат парите што ги платија лани за станарина во студентските домови, а менаџментот на домовите да информира каде ги потрошил овие пари бидејќи сѐ уште не им се вратени на студентите.

Борис Шамбевски, член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција рече дека лани поради пандемијата беа затворени студентските домови, а на студентите им беше ветено дека ќе им бидат вратени парите што ги уплатиле за изнајмување соба во домовите.

Денес, во февруари 2021-та година, 11 месеци подоцна, средствата сѐ уште не им се вратени. Неколку пати студентите бараа средствата да им бидат рефундирани, но иако им беше ветувано, тоа до денес не се случи – рече Шамбевски.

Тој праша:

Ако менаџментот на студентските домови не успева да обезбеди топла вода и греење, ако енергенси за затоплување, откако ние региравме, обезбедуваат од донации, ако немаат пари да им ги рефундираат на студентите веќе уплатените средства, тогаш реално се поставува прашањето каде се средствата? Дали можеби се вложија за подобрување на условите во студентските домови? Студентите велат НЕ. Дали се изгради ветениот студентскиот град ? Ние не можеме да го најдеме каде е. Можеби ќе треба обвинителството да се распраша каде се средствата.Е за овие прашања директоре бараме и одговори и одговорност! А на студентите, вратете им ги парите, како знаете и умеете.