Едно од основните демократски правила е пред секои избори власта, не само на државно, туку и на локално нивно, да поднесува извештај за ветеното и сработеното, но и за тоа колку буџетски, народни пари се потрошени за време на нејзиниот мандат. Посебно за што, а особено колку средства завршиле на службени ручеци и по кафеани, кои се најдобар изговор за личното задоволство.

За жал, ова правило кај нас малку се почитува, па ретки се државните и локалните функционери, кои во својот отчет даваат и финансиска слика на што се ги трошеле народните пари.

На почетокот на минатата година, за ланските вонредни парламентарни избори, тогашниот шеф на изборниот штаб на владејачкиот СДСМ, а сега актуелен вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, до сите партиски функционери упати едно, најблаго речено, чудно задолжение. Само за потсетување, Николовски им забрани приватни патувања, одмори, седење во кафеани, кафетерии и ресторани, а посебно сликање и објавување фотографии на социјалните мрежи, зашто од тоа, според неговото образложение, зависело каква порака им испраќале на граѓаните.

Задолжението беше испратено уште на 14 јануари 2020 година, иако малку подоцна, поради пандемијата од коронавирусот, парламентарните избори закажани за 12 април беа одложени за средината на јули.

За претстојните локални избори од Централниот изборен штаб на СДСМ се уште не испратиле вакво исто задолжение или барем до сега не е познато дека го сториле тоа. Што е причината не е познато. Дали тогашната реакција на граѓаните на социјалните мрежи и на медиумите, дали научената лекција на функционерите или, пак, свесноста на централата дека „кафана је“ нивна судбина?!