Централниот одбор на СДСМ, според партиското соопштение, на синоќешната седница донел едногласна одлука да го поддржи процесот за отпочнување на преговорите за полноправно членство на земјава во ЕУ согласно Предлог – преговарачката рамка за пристапни преговори со Унијата од последниот европски предлог од 30 јуни 2022 година, предложен од француското претседателство.
Во соопштението натаму се посочува дека СДСМ како државотворна партија останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ во ниту едни околности. Овие определби и принципи СДСМ очекува да бидат поддржани од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури, посочуваат од најголемата владејачка партија.
Само ваквото делумно читање на партиското соопштение повеќе од јасно укажува дека од некогаш државотворната партија не останало апсолутно ништо. Напротив. Прифаќајќи ги одредбите од необјавениот протокол од вториот меѓувладин македонско-бугарски состанок, што они добро го знаат и отворено манипулираат со целата домашна јавност со неговото криење до последен момент, членовите на СДСМ практично стануваат поортодоксни комунисти од Лазар Колишевски и поголеми врховисти од Иван Ванчо Михајлов!
Зашто, ако се погледнат преземените обврски од протоколот, што го објавија бугарските медиуми, тогаш владејачката партија прифаќа отворена асимилација и бугаризација на Македонците! Полека и постапно, во период од десетина-петнаесет години, преку институциите на системот, медиумите и образованието на младите генерации.
Од овој факт нема бегање и попусти се сите негови убедувања на граѓаните од типот дека СДСМ преку Владата и институциите на системот доследно се придржува до Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена од страна на македонското Собрание, дека имаме предлог кој гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка, што ќе значи и конечно затворање на сите идентитетски прашања.
Наследниците на македонските комунисти, нивните синови и внуци, им плукнаа в лице на нивните директни претци, на нивните родители и дедовци! А, меѓу нив има и такви, кои биле и носители на илинденски пензии! Со тоа уште еднаш се потврдува синтагмата на Карл Маркс дека историјата се повторува еднаш како фарса, а другпат како трагедија.
Без разлика дали актуелните членови на СДСМ на повторувањето на историјата ќе гледаат како на фарса или како на трагедија, како поортодоксни комунисти од тие на деценискиот комунистички лидер на Македонија, Лазар Колишевски, сега ќе треба да ги признаат и проголтаат сите гревови на своите претци. Веќе нема да мораат да носат Кинези само за да бидат комунисти, доволни ќе им бидат неистомислениците. Било идеолошките, оние со чист граѓански или со предзнак на ВМРО, било етнички поинаквите, оние кои се прокламирале за македонски Бугари, Турци, Албанци… А, посебно на Македонците од Бугарија, кои ги повикал да дојдат за да помогнат во формирањето и создавањето на македонската држава, а потоа бездушно рачистил со нив.
Во негацијата на се што е македонско, членовите на владејачкиот СДСМ го надминаа дури и последниот лидер на историското ВМРО, Иван Ванчо Михајлов. Неговиот врховизам може вода да му носи на овој актуелниот на СДСМ! Зашто, неговата негација на Македонците и на македонизмот било константа, а оваа на владејачката партија е новокомпонирана и затскриена зад прифаќањето на францускиот предлог. Македонизмот и Македонците ќе бидат избришани како молив со гумичка, во временски период од 10-15 години.
Кога власта по секоја цена е послатка од се, тогаш е нормално да се случуваат трансформации. Така, тие од СДСМ како ортодоксни србокомунисти, кои пред само неколку години за припадниците на ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „Бугари, Бугари“, сега самите станаа Бугари! А, „Бугарите„ од ВМРО-ДПМНЕ, пак, станаа тоа што, всушност, и беа-Македонци, но без излитениот србокомунизам.
Comments are closed for this post.