Што се случува меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров? Оваа дилема се појави по последната изјава за медиумите на првиот дипломат во која повеќе филозофски, а помалку дипломатски даде на знаење дека е на различна фреквенција од таа на премиерот во врска и со записниците од разговорите на неговиот шеф со руските „пранкери“ и со настапот пред официјална Софија по именувањето на претседателот Стево Пендаровски и политичарите во државата како „северномакедонски“.

Премиерот Заев на прес-конференцијата во Владата по објавувањето на скандалот со „пранкерите“, меѓу другото, изјави дека од телефонските разговори со странски државници се водат записници од кои се објавуваат соопштенија за јавноста, а потоа остануваат во архивата на државата.

Обично седи до мене мој советник и прави записник од самиот разговор додека јас телефонски разговарам Секако, практикувам и јас и многу други политичари директна комуникација. Со потпретседателот Пенс сме разговарале два-три пати и секогаш во јавноста сме ја објавувале содржината на самите разговори, секако тоа преку записникот кој што се води и останува во архивите на државата, изјави премиерот Заев.

Министерот Димитров, пак, само привидно се обиде да го минимизира скандалот. Зашто, со неговото контрапрашање пред новинарите-„Мислите дека за секој контакт има белешка“-фактички призна дека од разговорите на премиерот со „пранкерите“ не постојат записници.

Оваа филозофија со белешки, таа е филозофија на минатиот век, изјави Димитров.

Курцшлус во релациите меѓу премиерот и првиот дипломат изби и околу настапот на Владата пред официјална Софија, откако во Сараево бугарскиот премиер намерно ја употреби придавката „северномакедонски“ за претседателот Стево Пендаровски и за политичарите во државава. Одговарајќи на новинарско прашање на Пресинг Тв дали Владата ќе реагира на ова, премиерот Заев изјави:

Секако реагираме и веднаш испраќаме нота за да може да се исправат грешките.

Министерот Димитров одговарајќи повторно на новинарско прашање на Пресинг Тв во врска со реакцијата на Владата беше со сосема поинаков став. Тој не спомена никаква нота.

Во контакт сме на неколку нивоа со нашите пријатели од Софија каде што укажавме на исправна употреба на името и придавките, на целата терминологија и со мудрост и заедничко разбирање, во интерес на добрососедските односи, ќе најдеме начин да се почитува во целост употребата и на името и на придавките, изјави Димитров.

Индикативно е што веднаш по неговата изјава членот на заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, Ангел Димитров, во свој настап пред медиумите во Софија, меѓу другото, нагласи дека Бугарија не е потписник на Договорот од Преспа, што ќе рече дека нема обврски и да го почитува!

Во секој случај, ова не е првпат министерот за надворешни работи да се разијде со премиерот. Само за потсетување, во јавноста се уште нема епилог за неговата оставка уште минатата година за која води истрага МВР заради, наводно, фалсификување на веќе депонираниот и архивиран со негов потпис документ.