Пред 120 години, еден од најхрабрите витези на нашето ослободително движење во Македонија и Одринска Тракија засекогаш го овековечи своето име во елементите на револуцијата. Вака рече претседателот на Бугарија, Румен Радев, во својот говор во бугарскиот град Гоце Делчев за време на чествувањето по повод 120-годишнината од смртта на револуционерот. Тој како и повеќе наврати претходно го нарече Делчев „бугарски револуционер“.

-Посветувајќи го својот живот на слободата, Гоце Делчев рано тргна по стапките на Левски и ослободителната борба на која и остана верен до крај, додал Радев.

-Неуморен организатор и надалеку признат водач на Бугарите во Македонија и Одринско, Гоце Делчев инспирираше, водеше и со својот личен пример го исцрта патот кон ослободувањето. Со својата безгранична вера и посветеност на каузата, тој ги освои умовите и срцата на поробените, кои за само неколку години повторно се родија во моќна револуционерна организација. Животниот пат на Гоце Делчев беше краток, но неговото име стана симбол на потрагата по слобода, порачал шефот на бугарската држава.

Тој во својот говор ја споменал и нашата земја.

-Ако денешна Република Северна Македонија тврди дека ги следи заветите на Гоце Делчев, зошто не наоѓа сила да ги вклучи во својот устав неговите сонародници, за чија слобода го жртвуваше својот живот? Верувам дека порано или подоцна ќе се најдат далекувидни политичари кои заветите на Гоце Делчев ќе ги претворат во дела, изјавил меѓу другото Радев.