Изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение, велат од Владата за МИА.

Истакнуваат дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање.

Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања, додаваат од Владата.

Во владината реакција за МИА се посочува дека македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван јазик со своите уникатни специфики, потврден со Договорот од Преспа и запишан во личната карта на Македонија во Обединетите Нации.

Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет, се додава во реакција на Владата.