Со својот настап на Форумот за Западен Балкан во Сараево, поранешниот премиер, претседател на Република Македонија и основач и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во целост си ја оправда „пензијата“, што законски му следува по завршувањето на претседателскиот мандат. Уште повеќе, тој уште еднаш потврди дека има огромна разлика во погледите и сфаќањата за неговата и „македонската жица“ на актуелниот премиер и негов партиски наследник Зоран Заев, па и на сегашниот претседател на државата Стево Пендаровски.

Црвенковски во Сараево, фактички, изнесе историски факт и, што е можеби поважно, тоа што го мислат мнозинството Македонци.

-Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна од 41- 45-та со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ми е ставот на Бугарија потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат останатите членки на ЕУ, оцени меѓу другото Црвенковски во Сараево.

Сосема случајно или не, неговото видување на актуелната ситуација со Бугарија се совпадна со тајмингот на спорната и скандалозна изјава на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик. Од објавената аудио-снимка може да се слушне дека Закаријаш го користи терминот „северномакедонски јазик“, кој според неа „некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.

А, токму околу јазикот, реплицирајќи му на поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, Црвенковски во Сараево изјави:

-Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа не случајно. Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене кои што биле и родени и живееле уште пред да се родат и Јосип Броз Тито и Сталин. Значи никој, јас барем никого не знам и нема успеано во историјата на вештачки начин да креира нова нација. Имало обиди, но ниту еден успешен.

На Црвенковски и неговиот начин на практицирање на власта можат да му се најдат милион забелешки, но од аспект на односот кон прашањата поврзани со македонскиот идентитет и македонскиот јазик не може ништо да му се забележи. Да, за време на неговиот претседателски мандат тој беше првиот официјален политичар, кој најави дека ќе мораме да го смениме името на државата и тоа го стори пред студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“. И тоа е непобитен факт. Но, исто така непобитен факт е дека во серијата „Дијалози за Македонија“, во која учествуваа врвни македонски интелектуелаци, ниту еднаш не беше споменато прифаќање на промената на името на државата за севкупна употреба.

Настапот на Црвенковски во Сараево, всушност, беше отворен политички час за Заев и Пендаровски. Во исклучитело тешките моменти за зачувување на македонскиот идентитет и јазик, обајцата манифестираат тотална пасивност и подготвеност за прифаќање на се што ќе стигне како барање од бугарска страна. Уште повеќе, и не преземање на елементарни чекори пред меѓународната заедница за не користење на терминот „северномакедонци“ и „северномакедонски“ јазик. И какво фајде од тоа што ќе ја проверуваат изјавата на португалската министерка или од некаква задоцнета реакција на нашето МНР за тоа?!

Од оваа временска дистанца, пак, станува многу појасно зошто бугарските тајни служби, со помош и поддршка од одделни домашни невладини организации, активно работеле на смената на Црвенковски од власта во втората половина на 90-тите години и зошто сопственикот на агенцијата БГНЕС, Љупчо Нешков, отворено говори дека Бугарија го поставила на власт Зоран Заев од кого до ден денес нема никаква реакција на ваквата забелешка.