Претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Лилиан Мори Паскиер, ја поздрави ратификацијата на „Преспанскиот договор“ од страна на грчкиот парламент.

Ова е историски момент и сакам да им честитам на премиерите Заев и Ципрас за нивното лидерство по ова прашање, како и на членовите на парламентите во Скопје и Атина за нивната определба и храброст да го решат долготрајниот билатерален спор кој многу години ги мачеше односите меѓу двете земји – изјави швајцарската парламентарка, која претседава со паневропската асамблеја.

Како што нагласи Мори Паскиер, ратификацијата на договорот го отвора патот за нова ера на стабилност низ целиот регион и претставува добар пример за помирување и одговорност.

Договорот ќе биде од корист за жителите на двете земји, регионот и цела Европа – посочи Лилиан Мори Паские.