Откако грчкиот парламент со 153 гласови „за“ го ратификуваше Преспанскиот договор, се бројат деновите кога земјава и официјално ќе стане Република Северна Македонија. За такво нешто треба да се комплетира процедурата за официјализирање на Договорот од грчка страна, а тоа би требало да се случи за околу половина месец.

Процедурата во Грција вели дека по изгласувањето на Договорот во парламентот, на потег е грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, кој треба да го потпише Законот за ратификација на Договорот од Преспа, по што тој ќе биде објавен во грчкиот Службен весник. Тоа објавување треба да се случи в понеделник, на 28 јануари, со што законот ќе стапи на сила.

Следниот чекор е Грција да го извести Генералниот секретаријат на НАТО оти е ратификуван Преспанскиот договор, што би требало да даде „зелено светло“ за постојаните претставници на 29 членки на Алијансата да го потпишат Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, а тој протокол потоа треба да биде ратификуван и во парламените на нивните земји. Протоколот за пристапување во НАТО треба биде ратификуван и во грчкиот Парламент, а потоа Грција да испрати вербална нота до Македонија со која ќе ја информира за ратификацијата на Договорот од Преспа и на Протоколот за НАТО.

По приемот на таквото известување од Грција, земјава треба да испрати вербална нота до Грција и до Обединетите Нации дека Договорот стапува на сила. Потоа, Македонија со писмо ќе ги извести ОН и меѓународните организации дека името на земјата сега е Република Северна Македонија. Се тоа би требало да заврши за петнаесетина денови.

По официјалната промена на името треба да следува отворање амбасади во двете земји, а тоа ќе биде направено со тоа што досегашните канцеларии за врски во Скопје и во Атина ќе прераснат на ниво на амбасади.