Разговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши и идниот статсус на Специјалното јавно обвинителство продолжуваат утре во 15 часот.

Според министерката за правда Рената Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ со 65-те амандмани за законот за јавно обвинителство има намера да го уништат Специјалното јавно обвинителство и да се запрат сите постапки.

Таа не е оптимист дека ќе биде постигнат договор со ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, како што вели не се откажуваат од процесот на разговори.

Пресинг ТВ пак во меѓувреме дознава дека до крајот на оваа недела најверојатно ќе се одржи лидерска средба Заев- Мицкоски. Точниот датум на средбата се уште не се знае, но извори за Пресинг ТВ велат дека и кај двете страни постои расположение за средба до крајот на неделава и конечно да се одврзе Гордиевиот јазол за СЈО.

Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и е еден од условите за добивање датум за отворање на преговори со Европската Унија.