Чешкото претседателство со ЕУ ја отвори темата за укинување на едногласно одлучување во одредени области од надворешната политика, при што проширувањето на Унијата иако не е висок приоритет, сепак е дел од дебатите, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министерот за европски работи на Чешка, Микулаш Бек, на прес-конференцијата денеска по Советот за општи работи на ЕУ, призна дека не е преголем оптимист дека до крајот на чешкото претседавање ќе се постигне успех за овој предлог да се премине од едногласност на квалификувано мнозинство во надворешната и безбедносната политика во Советот на ЕУ, но рече и дека не се откажува.
Прага од земјите членки побара да ги дадат своите размислувања, кои делови од надворешната и безбедносната политика прифатливо би поминале под гласање со квалификувано мнозинство.
Главната цел на оваа расправа е да се надминат блокадите на земји како Унгарија во санкциите против Русија, но министерот Бек потсети и на говорот на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој неодамна посочи дека е време и одлуките за проширување да бидат ослободени од едногласното одлучување.
-Некои од поранешните силни противници (на квалификуваното мнозинство) се и силни поддржувачи на проширувањето, го слушнавме говорот на канцеларот Шолц, рече тој споменувајќи ја поврзаноста со проширувањето и потребата да се промени начинот на одлучување.
За министерот Бек најпродуктивно во овој момент е да се добие генерална и широка слика од сите земји членки, каде се тие подготвени да попуштат за едногласното одлучување и истакна дека во овој дел важни елементи се теми како транснационални листи за ЕУ изборите, проширувањето и влезот на Украина во заедничкиот пазар на ЕУ, итн.
-Не сум преголем оптимист, но не е сѐ изгубено. Има важни теми на маса, изјави Бек, повикувајќи уште еднаш да се има големата геополитичка слика на ум.
На прашање на МИА дали станало збор и конкретно за укинување на едногласноста во областа на проширувањето, чешкиот министер одговори дека „проширувањето не беше официјална главна тема“.
-Но, некако беше присутно во дискусијата за процесот на одлучување, повеќе земји членки го споменаа како релевантен контекст во дебатата и чешкото претседателство е многу посветено на процесот на проширување, многу е важно да биде присутен контекстот во дебатата за институционални промени, изјави Бек на прес-конференцијата попладнево.
Comments are closed for this post.