Универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова е кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата на претстојните изборите закажани за 21 април. Силјановска е избрана на партиската конвенција со вкупно 408 гласови, освојувајќи ја номинацијата уште во првиот круг.

„Мене ми е јасно дека не може да се оди на избори, а камоли да се победи, ако зад вас не застане силна партија, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата. Во однос на нејзините ставови посочи дека не е националист, туку е за владеење на правото. – Законите треба да бидат во рамките на Уставот за да бидат добри, истакна Силјановска по изборот.

Професорката од УКИМ по уставно право и политички систем се вклучи во претседателската трка откако триесетина професори, академици и ителектуалци упатија повик до пошироката јавност да ја поддржи нејзината кандидатура.

Во видео – порака Силјановска ги објасни причините поради кои ја поднесе кандидатурата за претседател на Македонија велејќи дека во одлуката ја водела свеста за потребата од глас на разумот, правото, правдата, моралот и вистинските европски вредности.

Професорката Силјановска била присутна во јавниот живот на Република Македонија од почетокот на нејзината независност до денес и тоа, на условно кажано, различни политички страни, само го потврдува нејзиниот интегритет. Зашто, таа е личност која имала доблест да си даде оставка кога не можела позитивно да влијае врз состојбите околу себе или која била „исфрлана“ од форуми и движења кога не им одговарала заради нејзините лични критички позиции.

Во почетокот на 90-тите години, поточно во времето на осамостојувањето на Република Македонија 1991-1992 година, проф.Силјановска беше член на Уставната комисија. Потоа, во периодот од 1992 до 1994 година беше министер без ресор во првата политичка влада предводена од тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. На министерската функција дојде како член на Либералната партија, која беше помал коалиционен партнер. По завршувањето на мандатот, Силјановска поднесе оставка од членството во партијата и одлучи повеќе никогаш да не се занимава со политика и целосно да и се посвети на науката.

Професорката Силјановска, е една од ретките можеби и единствена која во 90-тите години беше исклучена од Бордот на Соросовата фондација во Македонија. Откако таа го напушти, во Бордот влегоа актуелниот претседател Ѓорге Иванов, професорката  Наталија Николовска и првиот човек на МЦМС, Сашо Клековски.  Всушност низ Фондацијата минаа многу имиња и презимиња од политичкиот живот во државата.

А, ако се погледне сивито на проф.Силјановска, човек едноставно не ќе знае од каде да почне, а камо ли да се снајде во него.  Тоа е достапно на страната на Правниот факултет.

Проф.Силјановска е во два мандата, од 2008 до 2016 година, член на Венециската комисија, член и потпретседател на поткомисијата за малцинства во истата комисија, експерт на ООН за избори од 1998 година до денес, експерт на ОБСЕ за родови прашања, потпретседател на групата на независни  експерти за локална самоуправа на Советот на Европа, основач е на Европското движење на Македонија, била претседател на Граѓанското движење во периодот од 2004 до 2006 година, добитник е наградата за развој на владеење на правото на ОБСЕ, добитник е на медал за работа околу родовата еднаковсот на Сојузот на жени на Македонија, била претседател на женското лоби од 2002 до 2004 година.

Доколку победи на изборите, универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова ќе стане прва жена претседател на државата.