Гордана Силјановска е избрана за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ од страна на делегатите на партијата на денешната конвенција во Струга. Со 408 од 519 гласа, Гордана Силјановска доби огромна поддршка на гласањето со кое се одлучуваше меѓу деветмина кандидати.

„Чест ми е што дојде време жена да биде кандидат за претседател бидејќи Македонија е во женски род, исто како и Европа. Во оваа прилика сакам да упатам порака дека ЕУ сега треба да ни подаде рака на нас бидејќи како таква ЕУ е недосвирена симфонија и не може без Балканот. А таму и на Македонија и е местото“, порача Силјановска која ја совладаа емоциите.

Силјановска за време на нејзиното претставување пред делегатите во салата и по изборот во неколку наврати изјави дека мора да излеземе на изборите.

„Сигурна сум дека мојот глас во овие две години допре до луѓе кои можеби никогаш не гласале на избори, биле аполитични, неутрални или до луѓе кои биле членови на некоја партија која е на власт, но сфатија дека има нешто посилно од партијата и од привилигиите дека тоа е Македонија. Ова е вистинскиот момент да се делигитимира власта која создаде хибриден режим во кој Македонија стана скандалозна земја“, рече Силјановска и додаде дека не верува дека секоја цел може да оправда секое средство. Само македонскиот народ заради Македонија може да биде највисоката цел.

Таа изјави дека бојкот на изборите би било погубно за државата и би се отворила можноста на сегашното место да седне Талат Џафери. Шанса да се смени Уставот и претседателот да се избира во Собранието на Република Македонија, што е погубно за земјата – трите власти да ѝ припаднат на една партија.

Секоја реформа почнува од нас. Не можете да барате реформи од другите, ако не почнете од себе. Ние имаме закон за привилегии на претседател. Имам разбирање за привилегиите на семејството на Трајковски, но ќе ги замолам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги укинат законските привилегии за претседателот. Да се намали бројот на министерствата, срамота е сиромашна земја да има 27 министерски места, а Швајцарија да има 7. Парите ќе се пренасочат кон граѓаните“, рече Силјановска.

За Претседател на Република Македонија ќе се гласа на 21 април, а вториот круг ќе биде на 5 мај.