Јас не подготвувам било какви уставни амандмани, вели за Пресинг Тв пензионираниот професор по Уставно право, Светомир Шкариќ.

Според него, било какво алудирање поврзано со неговото име за таков ангажман може да биде извлечено само врз основа на негов текст подготвен за еден од блоговите, што потоа бил пренесен од одделни портали.

Тој текст го напишав врз основа на договорот со Грција и врз основа на генезата на спорот со Грција од 1990 година, па до склучувањето на договорот. Со него направив обид за реконструкција на досега искажаните барања и предлози, изнесени и од македонска и од грчка страна, вели Шкариќ.

Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, на прес-конференција ја праша Владата, меѓу другото, и за тоа дали е вистина дека уставните амандмани за промена на Уставот се веќе подготвени од грчката влада и се дадени во форма на нон пејпр, а од македонска страна е ангажиран само еден пензиониран професор по Уставно право, чија задача е само технички да ги среди. Ваквото алудирање на Николовски многумина го поврзаа со името на профсорот Шкариќ.