Не само што мора да постојат печатени учебници, туку тие не смеат да им се одземаат на учениците на крајот на учебната година. Токму затоа што им се одземаат, во последниве години гледаме генерации студенти кои немаат поим ни што се учело, ни во која година нешто се учело, а најчесто прв пат слушаат дека воопшто се учело“, реагира универзитетскиот професор Дејан Трајковски. Тој исто така ги повикува оние што ги укинуваат книжните учебници, да наведат барем 5 од 195 држави во светот каде што нема печатени учебници на сите нивоа на образование

Новиот закон на Министерството за образование и наука со кој се укинуваат хартиените учебници за учениците од погорните одделенија (од четврто до деветто и во средно), предизвика бурна реакција и гнев во јавноста. На целосна дигитализација на учебниците реагираат и родителите и стручната јавност, а во насока дека не смеат да се дозволат вакви “експерименти“ кои се “на штета на учениците“. Бројни се и укажувањата дека на овој начин само се врши “роботизирање на децата пред екраните“.

Иако од ресорното министерство објаснуваат дека за оние кои од било какви причини нема да бидат во можност да ги користат дигиталните учебници, “училиштето има обврска да ги отпечати и да им ги достави“, како и дека “со новото законско решение, ќе се обезбедуваат квалитетни учебници и современа дидактика со што значително ќе се унапреди и квалитетот на наставата во земјата“, универзитетскиот професор Дејан Трајковски вели дека хартиените учебници не смеат да се укинуваат.

“Не само што мора да постојат печатени учебници, туку тие не смеат да им се одземаат на учениците на крајот на учебната година. Токму затоа што им се одземаат, во последниве години гледаме генерации студенти кои немаат поим ни што се учело, ни во која година нешто се учело, а најчесто прв пат слушаат дека воопшто се учело“, реагира меѓудругото на социјалните мрежи професорот Трајковски. Тој исто така додава дека во погорните одделенија не им барале знаења од подолните, затоа што оправданието било дека немале книга од каде да се потсетат или повторат.

“Со своите штетни образовни политики произведоа генерации кои изгледаат како да се од Марс паднати, да не речам хендикепирани (иако незнаењето е сериозен хендикеп). Како да работиме тогаш со генерации, чија образовна возраст е десетина години зад календарската? Ќе си играме образование, ќе се лажеме самите, но и другите“, реагира професорот Трајковски.

Тој исто така ги повикува оние што ги укинуваат книжните учебници, да наведат барем 5 од 195 држави во светот каде што нема печатени учебници на сите нивоа на образование.

“Што им беше целта? Да заштедат на трошоци за печатење, така што родителите сами ќе печатат од фајлови? Читањето од екран нема да ги направи ни подобри информатичари, ни програмери, само ќе им ги дорасипе очите на идните генерации. Во моите класови моментално повеќе од 80 проценти од студентите носат очила поради таблетите и компјутерите, а воопшто не се ни начитани ни образовани како што треба“, наведува професорот Трајковски. (Д.Т.)

МОН: Обезбедуваме систем во кој учебниците се интерактивни, инклузивни и бесплатни

“Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е дел од планот за реформа на националниот образовен систем е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. Воспоставувањето на систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и Северна Македонија“, велат од Министерството за образование. Оттаму посочуваат дека тоа е една од клучните придобивки кои ги обезбедува новото законско решение, а во интерес на унапредување на квалитетот на наставата и воопшто на воспитно-образовниот процес во државата. “По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења.

Дигитализацијата, пак, ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедијални содржини –  филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година“, велат од Министерството.

 

извор: вечер.мк