42 отсто од граѓаните имаат доверба во Владата, од нив 61,8 проценти етнички Албанци, додека од припадниците на другите етнички заедници 51,5 отсто.

Ова се резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Според истражувањето околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Од нив побројни се симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ – 87,6% и неопределените 78,6%. На прашањето што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36 % рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори. Околу ¼ веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7% решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Според етничката припадност, над 40 отсто од етничките Македонци почесто го избрале одговорот „предвремените парламентарни избори“а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47%).

Во врска со прашањето за вклучување на етничката припадност во личните карти, мислењата се поделени. Речиси 50 отсто се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7% не се согласуваат. Поддршката е поизразена кај етничките Албанци (83,5%) и припадниците на другите заедници (77,3%).

Други две прашања кои биле вклучени во анкетата се пописот и односите со Бугарија. Па така над 60 отсто не веруваат дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5%).

За половина од граѓаните, односите со Бугарија се развиваат во негативен правец (53,6%). Разлики во ставовите има на основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.

Анкетата на МЦМС е спроведена телефонски во периодот од 17до24март 2021 на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.