Да тапкате во место со негација за постоење на еден народ, денес во 21 век е надвор од памет. Бугарите се 143 години закотвени во сопствените негаторски ровови и мрак. За жал, и денес се слепи на очи, глуви на уво. Ниту е пријателски, ниту добрососедски, а уште помалку европски Објаснувачкиот меморандум или поточно тоталната уцена за не постоењето на се што е самоидентификација (јазик, историја, култура) на еден народ-македонскиот. Наци-фашизам до срж! Обид за негација на се што е напишано до сега на полето на историјата и летаратурата во светски рамки од и за Македонија и македонскиот народ.
Вака ја гледа содржината на Објаснувачкиот бугарски меморандум историчарот, проф. Тодор Чепреганов во коментар за „Пресинг ТВ“.
-Историскиот континиум на македонскиот народ не е прекинат повеќе од два милениума. И покрај сите обиди во историјата за негова негација и денес опстојува и надвор од памет е да се прифатат, денес во 21 век, бугарските лаги, фалсификати и конструкции за непостоењето на македонскиот народ или, како што милуваат да кажат бугарските политичари и историчари, дека не признаваат, но од 1944 година, а до тогаш сме биле Бугари. Без срам и перде излегуваат пред ЕУ и бараат самоукинување на еден народ, спротивно на европските принципи. Но, поради европските бирократски принципи и таа Европа го толерира однесувањето на Бугарија, со што и самата е соучесник во бугарските барања, вели проф.Чепреганов.
Од друга страна, објаснувачкиот Меморандум, според него, само покажува како една анационална влада, без да размислува за националните и државните интереси на сопствената држава, влегува во преговори и договори без да биде свесна за последиците од истите.
-Да се договара за некоја заедничка историја, заеднички херои и настани, (не)постоење на македонско малцинство, а според бугарските толкувања сетоа тоа треба да биде бугарско, е идентитетско самоубиство. Историјата на еден народ ја пишува самиот народ како резултат на неговата колективна меморија. Историјата на македонскиот народ ја пишувале, ја пишуваат и ќе ја пишуваат македонските историчари, затоа што таа му припаѓа само нему. Заеднички истории, херои и настани се конструкт на авторитарни режими, кои се осудени на ненаучност и се резултат на политички диктати и се со краткотраен рок, дециден е проф.Чепреганов.
Comments are closed for this post.