Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими Неговото Височество принцот Едвард, грофот од Весекс, кој престојува во официјална посета на  Македонија.

Посакувајќи му добредојде во Македонија, претседателот Пендаровски изрази задоволство од посетата на Неговото Височество, оценувајќи ја како потврда за силните врски меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за севкупната британска поддршка за  Македонија и изрази очекување дека во иднина таа ќе се продлабочува и проширува.

Претседателот Пендаровски го запозна принцот Едвард со приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски посочи на потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата.

На средбата Неговото Височество принцот Едвард изрази задоволство од можноста по втор пат да ја посети Македонија и на претседателот Пендаровски му честиташе за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во неговата работа.