До Кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, не се доставени документи во форма на анекси или протоколи во однос на барањата од бугарска страна.
Ова е одговорот, што Пресинг Тв го доби, по вистинската какафонија во јавноста околу изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека Македонија може да ги започне преговорите за членство во ЕУ уште во февруари ако го потпише анексот со 12 точки на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Шефот на државата во новогодишното интервју за Националниот сервис меѓу другото изјави дека тој не гледа потреба од анекс на Договорот, а тоа и денеска го потврдија од неговиот Кабинет.
-Ставот на претседателот останува истиот, што претходно го има искажано и јавно, дека нема потреба од потпишување на дополнителен анекс со Бугарија, повторија од Кабинетот.
Анексот, што го спомена Каракачанов, пак, за Министерството за надворешни работи е акциски план. Засега нема ниту точна формулација за каков документ, всушност, станува збор, ниту што точно содржи тој, без разлика како ќе се именува-дали како анекс, дали како патоказ, дали како нон-пејпер.
Каракачанов потсети дека содржината на, како што го именува, анексот, на македонската страна и бил познат уште од ноември, но притоа не обелодени ништо од неа.
Професорот Тони Дескоски, пак, го потврди постоењето на „анексот“ на Каракачанов и го именуваше како протокол и, според него, тој ќе треба да го мине и Собраниското сито.
Comments are closed for this post.