Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и eпископ струмичко-скопски, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден. Ова е мојата последна велигденска честитка до верниците од Католичката црква за време на мојот мандат како Претседател на Република Македонија. На овој голем ден се потсетуваме на едно нешто. А тоа е дека иако самиот безгрешен и бесценет Господ Исус Христос, Синот Божји, со својата физичка смрт на крстот ја плати највисоката можна цена за да нè ослободи од заслужените последици на нашите грешки и промашувања. Со своето физичко воскресение, Тој го отвори патот и за наше воскресение во вечен живот.

 

Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон човештвото од Велигден. Со векови и милениуми оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Но, овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на Неговата Светост Папата Франциск на Република Македонија. Во време на длабока морална криза и отсуство на доверба, во нашата земја ќе дојде еден од најголемите живи духовни авторитети во светот. Ќе дојде за да прати порака на простување, помирување и сплотување. Затоа, длабоко верувам дека посетата на Папата Франциск е еден многу важен поттик за духовна обнова на Македонија и македонскиот народ и македонските граѓани.

 

Иако бројно мала, Католичката црква во Република Македонија дава несразмерно голем придонес кон духовниот живот и соживот во македонското мултирелигиско, мултиетничко и мултијазично општество. Св. Мајка Тереза е само еден пример за таквиот придонес. Во оваа прилика, на овој Велигден, сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на католичката, православната или протестантската гранка на христијанството, или пак на сосема друга верска или идеолошка традиција, да се вклучат во овој потфат за духовна обнова на Македонија во која ќе се почитува достоинството на секој човек. Бидејќи, веруваме дека секој човек е скапоцен во очите на Бог, се вели во честитката на Иванов.